Mediantrop

object349757056

Mediantrop broj 13

Н. Концепт, простор кога „нема“ простор

Ivana VasevaIvana VasevaН. Концепт – простор кога „нема“ простор

Дали во Скопје има доволно изложбен простор? А оттаму неминовно сејавува и второто прашање: колку во Скопје се продуцира во областа на современата уметност?

Во градов има поприлично национални и градски институции кои ја презентираат домашната но и странската уметност. Десетсе на број: Национална галерија на Македонија која има три институции: мултимедијален центар „Мала станица“, Чифте – амам и Даут – пашин амам, Музеј на град Скопје, Музеј на современа уметност, Културно – Информативен Центар – Скопје, Младински културен центар, културен дом „Кочо Рацин“ а изложби се прават и во МАНУ и во Кинотека на Македонија.

Но ако има толку многу, зашто тогаш во последно време се јавуваат нови концепти на простори кои претендираат да станат алтернативни места каде се изложува уметност, да бидат катчиња каде може да се дискутира, да се проектираат филмови и да се прават различни дебати, конференции, семинари?

Појавата на нови места е силен знак за недостигот на алтернативен простор каде може слободно да се делува а се јавува како продолжение и реакција на згаснувањето на културните установи кои беа промотори на алтернативната и субверзивна уметничка продукција во последните десетина години: културниот центар „Точка“ и културниот центар „ЦК“ како и програмски базираната уметничка иницијатива press to exit project space.  Идејата на овие простори беше да се создава уметност на лице место, од потреба, од гнев и бунт како реакција на она што се случува но и да се промовираат новите достигнувања од оваа насока кои се случуваат во регионот и странство.

За сметка на згаснувањето на алтернативните културните центри, сега кафе-баровите стануваат места на свежи уметнички иницијативи како новиот бар „Концепт 37“ промовирано како „место за твојата инспирација“ или простор кој ќе ги собира креативците од сите области: арт и дизајн, мода, музика, книги, адвертајзинг и архитектура, градскиот џез клуб „Моџо“ или веќе добро познатиот кафе „Ли“ во кој веќе неколку години се прават изложби. Кај сите нив, концептот е сличен т.е. се некој вид на хибриди кои комбинираат место за кафе уживање но и проследување уметност што во ваквата поставеност со себе си влече и многу нови замки. Од една страна се отвора можност за слободно промовирање на друг вид на размислување но од друга бара и соодветно прилагодување на новите просторни услови наместо само директно заменување на белата коцка со простор во амбиент на кафич.

Иницијативата Кооперација која делува вон инертните институционални рамки и предлага еден поинаков начин на создавање и доживување на современата уметност во земјава веќе година и пол ги истражува можностите на работење во други простори но сепак и кај нив останува прашањето: освен уметничките дела, кој нов фомрат на изложби и концепти се создаваат во рамки на оваа иницијатива? Односно по што изложбите се разликуваат од оние во галериските сали или целта е да се создаде место кое е она што институциите треба да бидат?

Се чини дека има полетност и има идеи а дека сега е и зрел моментот на истражување на иновативни модели за уметничко делување. И покрај сеуште форсираниот престиж кој го имаат институциите кај нас (сеуште преќутно важи идејата дека за да се биде признаен како уметник треба да се има изложба во институција) голем дел од уметниците сфаќаат дека за да го прикажат она што тековно уметнички го размислуваат не треба само да се потпрат на институциите туку дека треба да создадат свое место кое нема да ги копира истите институционални модели. Односно, институциите кои се заглавени во истиот класичен манир одкога почнале да функционираат наместо да ги прошират своите хоризонти на делување инкорпорирајќи ја на соодветен начин и алтернативната практика, во моментов или ги затвораат своите врати заради постојани поставки така губејќи го темпоралниот изложбен простор или ја намалуваат својата изложбена програма.

Ивана Васева