Горчината на Фон Кант

Иванка АпостоловаИванка АпостоловаИнтервју – испитување на Петра Фон Кант главен лик од филмот Горките солзи на Петра фон Кант во режија на Ренер Вернер Фасбиндер.

(Дејствието се случува во спалната соба на Петра фон Кант. На гости кај Петра Фон Кант)

Иванка: Како си Петра, како се чуствуваш?
Петра: Се чувствувам актуелна!
Иванка: Хахаха ...

Petra fon KantPetra fon Kant(Петра фон Кант јаде јагоди и пие шампањско, како во филмот Горките солзи на Петра фон Кант, назад во 1972)
Иванка: Која си всушност ти?
Петра: Јас сум љубовница, ќерка, мајка и моден дизајнер.
Иванка: Ти се допаѓа ли да си лик од филмовите на Фасбиндер?
Петра: Немам избор, јас сум фикција, јас сум едно од неговите алтер ега.
Иванка: Опиши ми го твојот однос со мајка ти Валери.
Петра: Таа ме третира како дете. Не ме разбира. Ме вознемирува. Таа е предвидлив псевдо светец од мајка. Но најлошото е тоа што јас сум иста како мајка ми, во односот со ќерка ми.
Иванка: Не работиш на себе?
Петра: Зошто? Не е потребно, јас сум позната и фриволна.
Иванка: Но мајка ти е стара германска госпоѓа.
Петра: Таа е фејк, оди во црква од буржујски причини. Не ми е убедлива, и јас треба да ја поддржувам како што ја поддржуваше татко ми. Таа се однесува како помошта да и е дадена од бога, наушена е секогаш да биде поддржана од сите во фамилијата. Досадно!
Иванка: Но ти си многу сурова и ладна кон ќерка ти Габриела, а таа те обожува!
Петра: Таа е наивна и сноб, без да е свесна за тоа. Ги мразам сите тие приватни училишта кои таа ги посетува и католичките интернати во кои што живее, буржујските девојчиња сите се жртви на вештачки, аристократски образовен ескапизам. Веќе не верувам во тој пристап, метод и систем. Во секоја реченица што ја изговара, го препознавам стилот на интернатот, без сопствена оригиналност, и артифициелност во изговорот. Ах, тие предвидливо-кокетни сензации од однесување.
Иванка: Што е со твојата пријателка Зидони?
Петра: Зидони е програмирана да биде стратешки љубезна со сопствениот сопруг. Тој е богат, нејзините обврски и улога се: да биде секогаш љубезна, добро да изгледа и слатко да зборува. Не можам да очекувам никаква подлабока комуникација со неа, и ја колнам – таа ме запозна со Карин. Мразам претпазливи жени без искуство, за нив љубовта е само краткотраен програм, и се' преостанато дарвинистичко за кеш.
Иванка: Кажи ми нешто повеќе за себе како позната, успешна и богата персона, за себе како независна и еманципирана жена?
Петра: Без Марлен јас сум ништо, но сепак сакам да ја понижувам и да ја негирам ...
Иванка: Зошто, не си фер кон неа – таа ти е верна како асистентка, помошничка ... таа навистина многу работи за тебе.
Петра: Незнам, тоа е над мојата контрола. Прашај ме нешто за Карин.
Иванка: Дали си лезбејка?
Петра: Не. Само се вљубив како никогаш претходно, небитно е што е тоа жена.
Иванка: Твојот одговор има филозофска нота.
Петра: Ја ценам Карин, и покрај фактот што таа е опортунист, сурова и безмилосна личност. Вљубена сум во нејзиното нецензурирање – таа е срцепарателна лекција за мене.
Иванка: Тоа е самодеструктивна состојба, но во исто време ти си парадоксално самосвесна.
Петра: Карин е причината за мојата горчина. Таа одлично изгледа, очајно е вљубена во својот сопруг, и умее да се носи со својата самосвест низ животот. Таа е бело ѓубре, сиромашна валкана емигрантка од Австралија, со морбидна фамилијарна трагедија во минатото. Но таа има достоинство на кралица и тоа ја уништува мојата каста, мојата природа, мојата супериорност и се' од мене! Едноставно ја љубам токму таква каква што е: опортунист, материалист, ми се допаѓа нејзината рамнодушност со која што ги користи сите начини за успех. Јас сум уништена! Но ја љубам!
Иванка: Дали е вредна за твојата љубов?
Петра: Да, затоа што ми ја убива суетата.
Иванка: Ах, Петра ... можеби сега си похумана и приземјена (иронично кажано).
Петра: Карин ме напушти, Марлен ме напушта, ова искуство ми ги релативизира животот и смислата на моето опстојување. Но сепак мора да траам и истраам во оваа судбината на филмска улога. Благодарам.
Иванка: И јас ти благодарам Петра.

(Додаток)
Иванка: И за крај, дали публиката има прашања за Петра фон Кант?

Иванка Апостолова, 2013 Скопје